ИЗЛОЖБА

Антимикробната резистенција (АМР) претставува сериозна закана за јавното здравје со долгорочни негативни хуманитарни и економски последици. Затоа кампањите за подигнување на свеста во заедницата мора да вклучуваат насочени пораки за соодветна употреба на антибиотиците за да се спречи АМР и да се зачува ефикасноста на антибиотиците за лекување на сериозни инфекции.

Пренесувањето на одредена порака/идеја со помош на изработено графичко решение (постер) како медиум на дадена тема понекогаш постигнува многу поголем ефект врз широката јавност  бидејќи знае да биде едноставен и сликовит и да поттикне на размислување.

Процесот со чија помош може да се дојде до нови и употребливи идеи според многумина е најсовршениот метод на човечкото размислување, а полезни и творечки идеи може да се најдат во сите области на секојдневниот живот. Појавувањето на ненадејни идеи претставува делотворен начин за зголемување на творечката моќ, а групното размислување за некој проблем може да поттикне многу творечки идеи за што е доказ и оваа изложба на креативните млади луѓе студенти на СЕМОС Академијата за графички и веб дизајн.

Изложбата на графички решенија (постери) на тема “Антибиотска резистенција” е резултат на идејата на проф. д-р Ромел Велев и изразената желба за соработка на раководството на СЕМОС Академијата за графички и веб дизајн од Скопје да даде свој придонес во борбата со АМР  и во подигање на свеста за опасноста од оваа сериозна јавно здравствена закана.

За остварување на оваа идеа беше потребно прво на студентите од академијата да им се дадат стручни и подетални информации за темата од страна на националниот координатор за АМР доц. д-р Голубинка Бошевска и проф. д-р Ромел Велев, поради што беше реализирана посета, презентација и отворена дискусија со студентите од СЕМОС академијата раководени од професор – ментор м-р Даниела Спасева.  

Преку оваа изложба се обидуваме да ја подигнеме свеста во заедницата за опасноста од АМР и свеста за рационалната употреба на антибиотиците, а воедно да дадеме поттик на младите преку активен пристап во своите средини и волонтерска ангажираност да можат да направат суштински промени.

Им благодариме на сите овие млади луѓе за нивниот придонес и за нивните инспиративни и креативни идејни решенија кои се надевам ќе Ви пренесат позитивна енергија и нова димензија во перцепцијата на антимикробната резистенција. Голема благодарност и до м-р Ангелина Канчевска раководител во СЕМОС Академијата за дизајн за севкупниот нејзин ангажман и помош во реализацијата на оваа идеја.

Ве покануваме да ја проследите изложбата за време на Светската недела за рационална употреба на антимикробните средства која оваа година носи две пораки “ОБЕДИНЕТИ ЗА ЗАЧУВУВАЊЕ НА АНТИМИКРОБНИТЕ СРЕДСТВА” и “АНТИМИКРОБНИ СРЕДСТВА: ПОСТАПУВАЈТЕ ВНИМАТЕЛНО”.

 

                                                    Проф. д-р Ромел Велев                                                                                       Доц. д-р Голубинка Бошевска

Чучкова Ангела
Буџаровски Бојан
Хелер Борис
Јанаќиев Дино
Панчевска Катерина
Глигоровска Марија
Арсовска Марија
Бундалевска Мија
Гошевска Радмила
Ристевска Милица
Атанасова Сара
Тошевска Симона
Мијалкова Теа
Магденовски Филип